Величетврток е празник на душата, онаа, вечната. Празник на љубовта, потсетување да бидеме тука еден за друг, затоа што едно сме, прашина со вселена во градите. Дајте денес некому парче леб, подадете чаша вода, погалете нечија душа, ако не можете веќе стапалата да му ги бакнете..
Мала, проѕирна вазничка од стакло и ружа во неа. Да ѝ ја почувствува миризбата во сонот, да биде првото нешто што ќе го види штом отвори очи. Наместо 'буди се, љубов, утро е'. Од априлски желби.
Една голема, мазна карпа на брегот, загреана од сонцето и измиена од брановите, една марама најжолта, еден шешир сламен, едни наочари црвени и јас, боса, ете, за тоа е денов.
Тоа што не си прикован за неа, не значи дека си ја напуштил карпата, Прометеј. И не значи дека нема, штом светот стивне, да дојде орелот по своето ветено парче џигер, каде и да си. Вредеше ли, Прометеј?
Да бидеш толку голем, што ќе умееш сам да си ги решиш проблемите, или толку мал, што ќе кажеш Тато, не можам јас ова, па ќе добиеш Легни си, јас ќе средам. И сѐ да биде во ред штом се разбудиш. Средината е заебана работа. Нема злато во неа, лажат.
Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство туку поради присуство.
На Судниот ден, ќе ни судат зборовите. нашите. зборови. оние. кои. ги. игнориравме. ги. замолчувавме. ги. злоупотребувавме. ги премолчувавме. Ќе биде тоа фер судење. Ќе бидеме осудени на смрт. Со молчење.
И онаа голема, сина реченица: ќе го видам океанот. Реченица во која подметот се подразбира, прирокот зборува за некое не многу далечно, извесно идно време, а радоста од дејствието е претпоставка, во случајов, погрешна. Оф, Ана.
Ќе месиш лепче набрзина, едноставно, брашно, сол, вода, квасец, ќе додадеш сончоглед, сусам, семки од тиква, мелен ким, ќе го испечеш и.. ќе ти падне жал за нештата што ги пропушташ, сите вкусови и мириси, сите разгалувања, радости и милости, само затоа што си заборавил на себе..